Во ЕУРО КОНТРОЛ - Облешево може да се изврши проверка на сообразност на единечно увезено возило. Оваа проверка опфаќа проверка на документацијата на возилото и проверка на самото возило.
Доколку со овој преглед се утврди дека возилото е сообразно со важечките и прифатени ECE регулативи односно EEC директиви во Република Македонија, се издава Изјава за сообразност на единечно увезено возило.
Доколку при прегледот се утврди дека возилото не е сообразно со хомологациските прописи прифатени во нашата држава, на увозникот му се издава Известување за неисполнетост на хомологациските барања, што значи дека тоа возило не може да се увезе и регистрира во Република Македонија.
Затоа, пред да се купи и донесе возило, задолжително треба да се провери дали тоа ги исполнува бараните регулативи и/или директиви кај овластениот застапник на конкретната марка возила во РМ. При увозот на возилото, а пред пристапување кон проверка на сообразноста на единечното увезено возило, увозникот треба да ги поседува следните документи:
- Упат од царина;
- Копија од документите за возилото (странска сообраќајна дозвола, фактура или купопродажен договор и влезна царинска декларација);
- Документ – потврда за техничките карактеристики на друмското возило и за меѓународните хомологациски прописи што тоа ги исполнува.
Горенаведената потврда може да се обезбеди од еден од следните извори:
- Овластениот застапник на производителот на возилото што се увезува;
- Производителот на возилото што се увезува – COC (Certificat of Conformity);
- TÜV VERKEHR UND FAHRZEUG NIEDERLASSUNG MÜNCHEN – Германија.
Оцената на сообразноста на возилата односно на деловите и уредите на возилото е постапка која се спроведува пред царинењето на возилото што се внесува во државата и со која се докажува дека деловите и возилото како целина се испитани во сообразност со оние ECE регулативи или EC/EEC директиви кои се во сила во државата во којашто се увезува возилото.
Оваа проверка се спроведува со цел да се спречи увоз на безбедносно и еколошки неподобни возила кои во моментот на увозот и првата регистрација не одговараат на хомологациските прописи во земјата во која се увезуваат.
Целта на оваа проверка е:
- зголемување на активната и пасивната безбедност на возилата во сообраќајот;
- обезбедување на строго следење на еколошките стандарди со што се штити животната средина;
- спречување увоз, производство и пласман на несообразни возила и резервни делови со што се штити домашниот пазар од неквалитет;
- усогласување на националните прописи со прописите на Економската комисија на Обединетите нации како и со директивите на Европската Унија во оваа област.
|